Пелистер го доби дербито, Хеидарирад го отпиша ГРК Охрид!

6

Дербито на 12-тото коло во Супер-лигата му припадна на Пелистер кој по голема драма го победи ГРК Охрид со 27-24. После оваа средба третото место им припадна на битолчани кои имаат 19 бодови исто колку и езерскиот тим. Победникот се решаваше во последните минути, а главен збор имаше голманот на домаќинот Хеидарирад, кој запиша две важни одбрани (на Стрмљан) во вкупните седум.

Кузмановски со 11 гола беше прв стрелец кај победникот, на другата страна ист број на погодоци имаше Мате.

Сосема очекувано, во првото полувреме ниту една од двете екипи не успеа да поведе со повеќе од еден гол разлика. Квалитетот не беше на посакуваното ниво, ниту пак играта на теренот. На паузата ГРК Охрид беше тимот кој замина со минимална предност од 11-12.

Вистинската битка и жар ги видовме во второто полувреме. Мате во 37. минута од седум метри успеа да му донесе на ГРК Охрид предност од два гола (13-15), додека на спротивната страна Пелистер остана со играч помалку.

Кузмановски успеа да реализира во следниот напад за 14-15, но не и да го спречи противникот да поведе со 14-17 на стартот од 40. минута. Токму во тој момент ГРК Охрид остана без Јошида, кој заработи црвен картон, а поради уште едно исклучување остана и со двајца играчи помалку.

Пелистер го искористи моментот. Со два гола на Кузмановски и еден на Хакбарт, домашниот тим успеа да израмни на 17-17, за ерупција од воодушевување во салата „Боро Чурлевски“. Од овој момент повторно продолжи играта гол за гол, со тоа што минималната предност од плус еден ја имаа гостите.

Во 55. минута, охриѓани останаа со играч помалку, а домашниот тим преку Хакбарт после одбрана на Саид Хеидарирад поведе со 23-22, со што улогите се промени, еден чекор напред кон победата имаше Пелистер. Иранецот на голот на домаќинот запиша нова и важна интервенција, а Граховац на аситенција на Кузмановски зголели на 26-24. Хеидарирад не застана одбрани уште еден напад на противникот и стави печат на победата.

Победата во Битола доаѓа во вистинско време, за зголемување на самодовербата пред решавачката средба против Ла Риоха за пласман во главната рунда во Европска лига.

ПретходноМанчестер Сити сака да се “ослободи“ од Донарума!