Тиквеш – Шкендија 0:2. Победа, голема победа на Шкендија среде Кавадарци во супер – дербито на 15.коло. Красниќи и Мелиќи беа стрелците. Се чини и заслужена ако се знае дека тетовци беа многу подобри на овој меч, креираа повеќе шанси, погодија двапати и во Тетово ги носат тие три бода.
Се играше 49.минута кога судијата Фатмир Бафто покажа на белата точка за тетовци. Сигурен пеналџија беше Ендрит Красниќи, голманот Стевковски немаше никакви шанси да го одбрани тој удар. Во 78.минута Мелиќи погоди со глава за 0:2.
Втор пораз на Тиквеш и повторно дома, и повторно од Шкендија, ама сега таа од Тетово.
Слатка одмазда за тие 1:3 на ФФМ во 6.коло.
И во Кавадарци условите за игра беа ужасни. Терен натопен со вода, а каллта да не ја споменуваме. Токму затоа ништо од спектаклот во Кавадарци во битката за второто место на табелата.
Во вакви услови Шкендија подобро се снајде, во поголем дел ја имаше иницијативата, имаше и некои полушанси, но сепак далеку од тоа кога играат две вака квалитетни екипи. Тиквеш имаше свои моменти, сепак повеќе беше ориентиран на транзиција, но како да се бара игра од играчите на двете екипи на вака ужасен терен.
Штета, требаше да биде спектакл, ама ништо од тоа.
Со оваа победа Шкендија му се приближи на лидерот Струга ТЛ на само еден бод. И тоа како ќе биде интересно во битката за есенската титула во последните три кола од оваа полусезона.















