Пелистер немаше многу време за славење, ниту, пак, за одмор по победата над ГРК Охрид во дербито од 12. коло во Супер-лигата. Избраниците на Лино Червар продолжуваат со пеколниот ритам, а пред нив е можеби најважниот натпревар сезонава кога станува збор за европската сцена.
Ракометарите на Пелистер само неколку часа по натпреварот се спакуваа и тргнаа кон Шпанија. Добро е познато дека битолчани сами одлучуваат за својата судбина и пласманот во главната рунда од Европската лига. По одличното издание против Гдањск на домашен терен, останаа во игра за продолжување на европската авантура. Победата против Ла Риоха е единствената опција за македонскиот тим.
Пелистер го игра најважниот натпревар во вторник, со почеток во 18:30 часот. За потсетување, во главната рунда од Европската лига ќе игра и Вардар, кој не успеа да ја мине групната фаза во Лигата на шампионите.










