Томовски: Веруваме во нас, но не треба да „летаме во облаци“!

164

Мартин Томовски веќе се наметнува во македонската ракометна репрезентација како голема иднина. Вардаровиот голман многу пати до сега испрати порака дека за оваа позиција Македонија не треба да се грижи има иднина.

За разлика од минатите години, овој пат составот на нашиот најдобар национален тим ќе изгледа поинаку. Иако нема голем дел од искусните имиња, сепак ниту Томовски, ниту пак помладите немаат намера пред време да се предадат пред далеку подобрите противници кои ги чекаат во Краков на Светското првенство.

Најважно е дека атмосферата е одлична и сите се подготвуваат напорно.

„Ќе почнам од атмосферата, одлична е, ја надоградуваме. Еве сега веќе не сме млади, туку сме тие што треба да преземеме одговорност, ние сме сега во тој дел, каде што ние сме постари и треба да им помогнеме на помладите. Секој има своја задача, напорно е, но во одличен амбиент се тренира. Мора ова да се одработи, ова е таква фаза на подготовки.

За противниците, засега специфично не се подготвуваме, нашето време е посветено на нас, на нашата игра, на тој систем на селекторот. Има разни идеи, брзи напади, нормално и сигурна игра до позиции и можам да кажам дека се е во ред. Засега сите се здрави и тоа ми е најголема желба, да останеме сите така. Потоа, селекторот ќе одлучува кој ќе оди натаму“, ни изјави Томовски. 

Засега најголем акцент се става на одбраната. Впрочем формулата за добар напад „лежи“ во добрата дефанзива.

„Посветуваме големо внимание на играта на одбрана. Ако имаме добра дефанзива ќе бидеме сите поефективни и сите можеме повеќе да придонесеме во целата игра, да не се трошат премногу сите. Веруваме во нас, но да не летаме во облаци. Во овој момент сме фокусирани на подготовките, турнирот во Хрватска, па ќе добиеме јасна слика, ќе направиме последни корекции и да се претставиме во најдобро светло“.

Нашите ракометари утре се враќаат од Маврово, по ден одмор се враќаат во сала и продолжуваат со вториот дел од подготовките. Пред СП ќе одиграат уште две пријателски средби против Хрватска и Израел во рамките на „Кроација Купот“.

На СП, Македонија е во групата со Норвешка, Холандија и Аргентина.

ПретходноМаксимов и официјално во Шкендија: Ќе го дадам најдоброто за овој тим!
СледноАнгажираа 23 фудбалери оваа сезона, а тренерот сака уште нови играчи!