Македонија vs Холандија е првиот меч од денешната програма во „Таурон Арената“. Нашите ракометари ќе ја бараат првата победа на Мундијалот, додека на другата страна „лалињата“ посакуваат да го заверат билетот за Катовице, еден од градовите домаќини на главната рунда.
Против Аргентина, холандската репрезентација покажа зошто во последните неколку години важи за најпријатното изненадување. Иако зад себе го имаат токму убедливиот триумф и против Македонија се фаворити, сепак ракометарите на оваа земја се претпазливи.
„Одигравме добра одбрана против Аргентина. Брзиот напад секогаш е наше оружје, но против Аргентинците одигравме и моќна одбрана и затоа така убедливо победивме. Македонија е репрезентација што според големината на играчите, но и според стилот на игра помалку ни одговара. Сепак, верувам дека ќе се прикажеме во добро светло и ќе стигнеме до триумф“, изјави Самир Бенгхамен.
Главната опасност доаѓа од Кај Смитс, кој постигна седум гола на првата средба, а за да биде се како што треба тука е искусниот Лук Стеинс.