Франција против Шведска, Шпанија против Данска се двете полуфинални пресметки на Светското првенство. Франција ја победи Германија со 35:28, а Шведска го победи Египет со 26:22.
На овој Мундијал често пати бевме сведоци на бројни замерки од страна на учесниците на адреса на ИХФ. Прво во прашање беа Ковид-тестовите, а второ лошата организација со преселбата на репрезентациите и скратеното време за одмор.
На оваа тема говореше и селекторот на Германија, Алфред Гисласон, според кого играњето во две земји значи нееднакви услови за сите.
„Тоа ни создаде голем проблем бидејќи немавме време адекватно да се подготвиме за натпреварот. Во ваков систем, кога турнирот се игра во две земји, невозможно е сите да имаат исти услови, некој мора да страда поради патувањето и тогаш тоа не може да биде фер. Тим кој треба да патува повеќе и затоа има помалку време да се подготви за следниот натпревар е значително хендикепиран. Франција имаше повеќе време и за одмор и за подготовка, што е огромен фактор на ваквите првенства. Победата на Франција на теренот беше сосема заслужена, но факт е дека немавме исти услови за подготовка“, заклучи Гисласон.