Ракометарите на Вардар 1961 ја остварија првата победа во новата сезона од регионалното ракометна натпреварување, СЕХА Лигата. Вечерва во Скопје „падна“ Партизан.
По мечот, тренерот на „црвено-црните“, Владо Недановски го коментираше дуелот.
„Ова беше еден интересен натпревар против екипа како Партизан составена од млади ракометари кои играат брз и атрактивен ракомет. Мора да се истакне дека се почувствува и кај дел од играчите дека се заморени од Светското првенство. Може да искажаме само благодарност до нив што собраа сили да играат. Ни недостасуваа и двајца ракометари за ротација, па покажавме слабости и во нападот и во одбраната. Ова не е целата слика за Вардар. Кога екипата ќе биде комплетирана ќе се обидеме да ја изградиме сликата за Вардар во втората полусезона. Со Марковски и Аларов добивме универзалци во одбраната, како и Дутра кој мора да се адаптира во новата средина. Потребно е трпение и работа, па сметам дека на следниот меч со Татран ќе има подобрување“, вели Недановски, кој призна дека денеска голем удел во победата имаше и големата поддршка од навивачите.