Даниел Димевски со порака до Мојсовски: Врати се во спортот во друга функција, оваа не е за тебе

1946

По изјавата на директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсовски, стигна и одговорот од првиот човек на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Посочениот директор има проблем со државните институции задолжени за спроведување на законот а не со Олимпискиот комитет ниту со мене лично. Тој има проблем со конкретни наоди на Државниот завод за ревизија и следствено на наодите на Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство во РСМ. Таму треба да го адресира своето соопштение и да се повика на својата презумпција на невиност која му е единствена опција во моментов.

Што се однесува на делот од соопштението каде лично сум споменат, му благодарам на директорот за точната информација дека јас лично сум креатор и творец на ваучерскиот систем за финанасиска поддршка во спортот. Верувам дека многу спортисти и спортски субјекти видоа бенефит од мојата идеја преточена во конкретна законска рамка без која денеска скоро ниеден спортски субјект неможе да опстои и да се развива.

За жал практицирањето на системот е сведен на проста најчесто коруптивна распределба на средства од страна на еден човек со име Наумче Мојсовски. Сите контролни механизми кои ги има интегрелното решение на ваучер системот свесно од страна на директорот се ставени вон функција со што истиот е комплетно деградиран.

Комисијата која треба да предлага е нем извршувач на неговите налози а Советот кој патем тој го предлага е аминувач на истите. Кој е близок и има бизнис релации со него е награден, сите други казнети.

Ова е само пародија на системот кој може и мора да функционира независно од волјата на директорот или било кој друг центар на моќ. Критериумите се поставени да се почитуваат а не со нив да се манипулира како што е моменталната пракса во АМС.

На крај, моето разочарување е плод на високите очекувања што ги имав од спортската легенда Наумче Мојсовски, кој како директор за жал целосно потфрли. Многу важни теми од спортот и силни негови ветувања останаа нечепнати. Не видовме ништо од пензиите за заслужните спортисти.

Не видовме ниту нови спортски сали, базени уште помалку.

И Домот на спортови го загубивме по пат, како што изчезнаа и новиот Закон за спорт и Стратегијата за спорт пет пати ветувана.

Регистерот на активни спортски клубови не се направи а транспарентноста од страна на овластената државна институција е оценета како катастрофална.

Ова е за жал реалната слика и прилика на АМС раководена од директорот Наумче Мојсовски.

Му посакувам на директорот да се врати во спортот во друга функција различна од оваа која евидентно не е за него.

Со почит,

Олимписки комитет на Северна Македонија

Претседател: Даниел Димевски

Мојсовски се правда: Обвинувањата против мене се неосновани

 

ПретходноШкендија минимално поразена од Динамо Киев (видео)
СледноСилекс водеше со 2:0, па ремизираше со Сутјеска