Денеска во Струга со почеток од 14 часот, во првиот меч од 20.коло во ПМФЛ, се среќаваат Струга Трим Лум и Македонија ЃП. Повеќе од јасно е дека на лидерот само победа му оди во прилог. По ремито на стартот од пролетниот дел во Кавадарци, четата на стратегот Срѓан Захариевски мора да го добие овој меч ако сака и натаму да биде лидер на табелата во ПМФЛ.
А задачата нема да биде лесна, напротив. На гости доѓаат “лавовите“ кои секогаш во Струга играат добро. И на тимот од Ѓорче бодовите му се потребни по поразот дома минатиот викенд од А. Пандев.
Меџит Незири,искусниот дефанзивец денеска за првпат во дресот на Струга ТЛ ќе игра пред домашната публика. Да потсетиме дека тој оваа зима направи трансфер од Шкендија во Струга ТЛ:
“Струга Трим Лум има сила и квалитет да ги извлече сите три бодоа од овој натпревар што ќе го одиграме пред нашите навивачи. За мене и за некои нови играчи ова ќе биде прв пат да играме пред струшката публика, па ги повикувам нашите фанови да дојдат во што поголем број за да ни ја олеснат работата на овој важен меч за нас. Ќе дадеме се од себе сите бодови да останат во Струга и се надевам дека на крајот од средбата ќе славиме заедно со нашите верни навивачи“ изјави Незири.