Коментар на 20.коло: Силекс убаво покажа како треба со Шкупи, трагичарот Ибраими, деби-триумф на Чалам…

599

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Викендов се одиграа сите пет средби од 20.коло во ПМФЛ. Започна во саботата со дуелот Струга ТЛ и Македонија ЃП. Ретко кој можеше да претпостави дека лидерот и во третиот свој меч во серија нема да победи. Сепак, не победи и тоа “благодарение“ на Бесарт Ибраими, најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ. Бесарт промаши дури два пенали. Првиот му го фати голманот на “лавовите“ Стевковски, а вториот удар заврши во стативата.

Јасно е, Бесарт и порано промашувал пенали, но не и два во еден меч. Струга ТЛ загуби два златни бода во битката за титулата.

Утредента чаирчани си помислија дека ете ја шансата, со победа во Кратово тие за првпат сезонава ќе ја симнат Струга ТЛ од лидерската позиција, но се излажаа. Силекс одигра феноменално, посебно во првиот дел и успеа да слави со 2:1, и со тоа да покаже како треба со актуелниот шампион кој е еден од двата најголеми фаворити за титулата сезонава.

Машки, борбено, напаѓачки, максимално дисциплинирано, по малку и мангупски. Ете така играше Силекс вчера на свој терен во дербито и затоа победа.

Секоја чест за кратовци, за тренерот Михаилов и пред се за играчите а најманогу за Милосављевиќ и неговото ремек – дело во 4.минута.

Популарниот Чалам, или Горан Здравков вчера на Маџари и се израдува на својата прва победа како тренер на Брегалница и тоа кај својот некогашен клуб од играчките денови, Работнички.

Четири бода од два меча, колку за почеток и не е така лошо, напротив. Треба веднаш да кажеме дека Брегалница играчки не е онаа Брегалница од пред шест месеци или година дена. Тоа го знае Чаламот но верува во својата работа и неговите момци.

На Автокоманда домашниот Скопје и Тиквеш одиграа интересен дуел, но сепак како поважно да беше да не се загуби, и така и беше, никој не загуби, освија и двете екипи по бод.

Ералдо Чинари ја спаси Шкендија од срам. Имено среде Тетово веројатно најсилниот тим во ПМФЛ, или барем најскап според Трансфермаркт, си имаше големи, големи проблеми со една Победа. И само благодарение на Чинари тимот на стратегот Ќатип Османи дојде до победа и тоа едвај, со тие 1:0.

Што ли ќе беше ако останеа тие 0:0?

ПретходноПотврда и од клубот: Партизан има нов тренер!
СледноМу нема спас: Потер во следните 24 часа добива отказ, Зидан, Енрике и Покетино кандидати за клупата на Челзи!