Коментар на 21.коло: Шкупи знаел да “киксира“, Шкендија си тера по старо, Силекс опасно се заканува!

528

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Викендов се одиграа сите пет средби од 21.коло. И кога сите помисливме дека, со оглед на тоа дека Струга ТЛ беше слободна, Шкупи има златна шанса да го преземе врвот и за првпат сезонава да ги симне стружани од лидерската позиција во ПМФЛ, се случи чудо. А тоа чудо се вика Трајков од А. Пандев кој во 90+1 минута постигна гол за 3:3 во Кичево. Инаку тој гол да ти бил од офсајд, барем така кажа анализата на Судиската комисија. Но јасно е дека и шампионот знаел да киксира. Прво оној пораз во Кратово од Силекс во 20.коло, а потоа и ова реми од Кичево во саботата. Загубени се пет златни бода во битката за титулата. А А.Пандев уште еднаш покажа дека ова е некој друг тим за разлика од есенскиот дел. Игра добро, во серија дава голови, освојува бодови. Прашање на време кога ќе избега од опасната зона тимот на стратегот Александар Васоски.

И така Струга ТЛ остана на врвот и со бод предност ќе го дочека Шкупи во среда, во мега – дербито на 22.коло.

А Шкендија, тимот кој, нели, го има најскапиот состав во ПМФЛ според “Трансфермаркт“ си тера по старо. Не успеа да слави во Штип, одигра само 0:0 против Брегалница. Тетовци и дефинитивно не знаат да ги користат грешките, односно киксовите на Струга ТЛ и Шкупи, и затоа нема шанси да бидат шампиони.

И не само тоа, сега на Шкендија и е загрозено, и тоа како, тоа трето место. Имено Силекс оваа пролет има два од два, со тие две победи сега има 32 бода, исто како Шкендија и само 7 помалку од лидерот Струга ТЛ.

Дали сега и Силекс влегува во битка за титулата?

Посебно сега кога го добија еден Катаниќ кој на своето деби во Прилеп постигна три гола, големо засилување во нападот е тој за тимот од Кратово.

Работнички го декласираше Скопје со 4:0, капитенот Велкоски се разигра, постигна хет-трик. Дали е ова само потврда на она “топло – ладно“ оваа сезона на Работнички или старт на една добра серија на квалитетниот состав на клубот од Градски парк? Останува да се види во среда против Шкендија.

Скопје пак остана без тренер по тие 0:4. Славчо Георгиевски – Тупан по вторпат дава оставка оваа сезона, овојпат таа е неотповиклива, а нов стратег е Мирсад Јонуз, барем според нашите информации.

Интересно, Брегалница одигра уште еден меч, со Шкендија дома, на кој не прими гол оваа пролет. Три средби, пет освоени бода, само еден постигнат гол и ниту еден примен.

Тоа е скорот на новиот стратег Горан Здравков, ќе се сложите дека не е лошо, напротив.

ПретходноЕ. Пелистер доби нов тренер: Јовиќ на местото на Валтер, а Шундовски е назначен за стручен тим – менаџер!
СледноКазната по тие 7:0: Тренинг во 9 часот, слушање на прославата на Ливерпул и закана со резервниот тим!