Екипата на Брегалница може да се пофали дека минатото коло одигра и повеќе од солидно против една од најквалитетните екипи во домашниот шампионат, тимот на Шкендија.
Освој бод, во ремито без голови, а играта е за секоја пофалба. И во таборот на „сините“ се свесни дека тоа е теркот по кој треба да се играат мечевите пролетва, ако се сака да се финишира мирно и со прав колосек овогодинешниот шампионат.
Искусниот Даниел Мојсов е еден од лидерите на овој тим, капитен, кој кога е најпотребно мора да ја преземе одговорноста врз себе. Пред утрешниот дуел во Кратово против Силекс, дефанзивецот смета дека не треба ништо да се менува в однос на играта од мечот против Шкендија.
„Одигравме навистина квалитетен натпревар против Шкендија. Противникот имаше само една можност во текот на целиот натпревар од слободен удар, а ние комплетно доминиравме пред се во второто полувреме, но за жал останаа нереализирани неколку 100% шанси. Целосно ја контролиравме играта и тоа е тоа што ни дава дополнителен мотив за понатаму“ – вели капитенот Даниел Мојсов, и дополнува.
„Факт е дека не чека тешко гостување во Кратово. Целосно го респектираме противникот кој покажа оваа пролет дека ќе се бори за највисок пласман. Но, ние ако имаме ист пристап кон играта како во претходните три средби и со една дисциплинирана игра верувам дека можеме до позитивен резултат во Кратово.“ – истакнува Мојсов.