Одбојкарска „војна“ во Струмица, Јанта Волеј Форца нападнати на гостувањето кај Наковски (ВИДЕО)

10662

Кога станува збор за македонскиот спорт воопшто, со децении наназад не ни бил непознат моментот на инциденти кои се косат со здравиот разум. Како за почеток, истите биле тема нормално на фудбалските терени, каде што публиката била најбројна, па потоа на кошаркарските односно ракометните каде што сме имале големи ривалства и каде што имало инциденти помеѓу завојуваните навивачки групи, па се до таканаречените „мали“ спортови.

За жал, честа слика на нашите спортски борилишта во последно време се оние инциденти во кои се вклучени родители на спортистите, нешто што не треба и не смее да биде тема воопшто. Особено кога станува збор за женска одбојка!?

Домашниот шампионат во оваа конкуренција е во полн ек, се игра полуфиналето од плеј офот, поточно дуелот помеѓу скопски Јанта Волеј Форца односно Наковски волеј од Струмица.

По првичите 1:0 во Скопје за домаќинот се замина на дуелот во Струмица, но за жал истиот тој дуел имал претходница. Претходница со закани за некакви претходно нерасчистени сметки.

Според кажувањата, а и пишувањата по социјалните мрежи откако заврши се, скопскиот тим уште при пристигнување во Струмица бил пречекан со навреди, и дирекни закани, како кон стручниот штаб на Јанта, така и кон самите одбојкарки, грото малолетни девојчиња. За да потоа, самото загревање пред дуелот биде прекинато од неколкумина неслужбени лица кои директно го нападнале тренерот на Јанта и физички и со плуканици. Настанатиот хаос едвај се смирил со задоцнета интервенција на полицијата која што пак во записникот според кажувањата на скопјани не забележала ништо од инцидентот. Напротив, воопшто и не констатирала инцидент. Конечно, преплашените млади одбојкарки немале опција освен во голем страв да го одиграат мечот и да го загубат во неспортска атмосфера.

Наковски волеј го доби дуелот, резултатот во серијата е 1:1, но се прашуваме сите, дали сето ова е вредно и дали евентуалниот успех во домашниот женски одбојкарски шампионат е толкав убав плен за да се внесе траума и невиден страв кај младите спортистки кои само што зачекориле во професионалната одбојка, а веќе се среќаваат со тежок вид на инциденти за кои е потребна интервенција на полиција. Не не е. Затоа луѓе, памет во глава, ништо не е повредно од безбедноста и сигурноста на младите како на спортските терени, така и надвор од нив, а успехот и резултатот сигурно нема да дојдат ако за истиот треба да се погрижат „навивачи“ кои ќе нападнат малолетни девојчиња и ќе малтретираат некого пред нивни очи.

ПретходноЃоргиевска: Имаме минус, но не се предаваме!
СледноДерби во Автокоманда: Алкалоид го пречекува Тиквеш!