Пишува: Зоран Ѓоршоски
Зарем некој можеше да претпостави дека Скопје така лесно ќе се откаже од битката за избегнување на баражот, ако веќе на сите ни е јасно дека за Победа нема спас?
А посебно нема да се откаже со Мирсад Јонуз на клупата. Триумф на Чаир и вчера реми со Струга ТЛ. Освоени се 4 од 6 можни бодови и тоа против најквалитетени екипи во ПМФЛ, тука е и Шкендија. И не само што се освоени туку сега Скопје и игра фудбал, тоа е најважно.
Па така сега “пиратите“ на седум кола до крајот имаат 18 бодови и се на 10.место, А.Пандев има 21 а Работнички 25 бода.
И затоа велиме нека му ја мислат сега “пандевци“ и тимот од Градски Парк, посебно ако се знае дека во сабота, во меч од 27.коло играат Работнички – Скопје, а потоа во 28.коло се среќаваат Скопје и А. Пандев.
Ете ја шансата за „пиратите“ да го избегнат баражот, зошто до крајот имаат мечеви на кои можат да освојат многу бодови, минаа тие тешките со Шкендија, Струга ТЛ и Шкупи.
После дуелот со “пандевци“ екипата од Автокоманда гостува во Ѓорче, па исто гостува во Прилеп, па е слободна, па повторно гостување кај Тиквеш и во последното коло игра дома со Брегалница.
Да, веројатно ова е распоред на кој Скопје предводен од Јонуз може да освои многу бодови и да ги “симне“ А. Пандев или Работнички.
Струга ТЛ веројатно самата си е виновна за губењето на двата златни бода во битката за титулата. Тимот наДуро не смееше да си дозволи да “влезе“ во последните 10 минути само со 0:1 на Автокоманда. Бесарт Ибраими да, постигна супер гол, но и промаши два зицери, Бесарт мораше предвреме да стави точка на овој меч.
Шкендија беше слободна, а Шкупи не пропушти да и се “истури“ на Победа по сите фрустрации од минатите мечеви. Па така сега Струга ТЛ има 50 бодови, Шкупи 45 а Шкендија 44, тетовци се со меч помалку.
Силекс по елиминацијата во Купот посакуваше да се рехабилитира во Кавадарци, но дојде само до 0:0. Сега тоа чертврто место кое можеби ќе води во Европа и тоа како виси, посебно ако се знае дека во сабота во Кратово доаѓа забревтаната Брегалница. Тоа ќе биде меч на сезоната и за двете екипи.
Работнички ја прекина мизерната лузерска серија, одигра 0:0, но пак не победи. Искрено на овој меч се очекуваше сигурна победа на “пандевци“, но на крајот беше 0:0.
И тоа е тоа од ова коло, веќе рековме, во сабота и тоа како ќе биде “жешко“. Едвај чекаме, мечевите Работнички – Скопје и Силекс – Брегалница ќе бидат во центарот на вниманието.