Уште една одлична партија на нашиот Ненад Димитријевиќ во дресот на Уникс казан во финалната серија од ВТБ плеј-офот во Русија. Во третиот финален меч екипата на Уникс Казан како гостин славеше во Краснодар против екипата на Локомотив Кубан со 81:82 и поведе со 2:1 во серијата.
Натпреварот се одвиваше во тензична борба до самиот крај, а победникот беше решен во последните секунди по една одлична асистенција на Димитријевиќ и поени за Најт кој на 8 секунди пред крајот го постави конечниот резултат.
Димитријевиќ постигна 13 поени со 6 асистенции и 4 скока, додека најефикасен беше Џејлен Барфорд, кој во дресот на Локомотив постигна 20 поени.
Следниот натпревар екипите ќе го одиграат на 13 мај.