Манчестер Сити и Реал Мадрид вечерва се соочуваат во реванш полуфиналниот меч од Лигата на шампионите. Натпреварот на „Етихад“ ќе го даде вториот финалист, откако синоќа екипата на Интер се пласираше во големото финале во Истанбул.
Првиот натпревар меѓу двата европски гиганти заврши нерешено 1:1. Епизодата број 1 од битката меѓу Сити и Реал заврши без победник по изедначен натпревар. Манчестер тргна поактивно, но беа казнети со прекрасниот удар на Винисиус Жуниор, кој не му остави никакви шанси на Едерсон. По паузата, Кевин Де Брујн со топовски удар успеа да израмни.
Овој дуел е реприза на минатогодишното полуфинале, кога Реал тргна во борба за трофејот по големата драма во реваншот на „Бернабеу“. За разлика од тогаш, „граѓаните“ сега имаат домашна предност на вториот дуел и ќе се обидат да го извлечат максимумот од мечот пред своја публика. Тимот на Пеп Гвардиола е непоразен на домашен терен во Премиер лигата во последните пет години, а сега веќе влезе во серија од вкупно 14 победи на натпревари на „Етихад“.
„Имаме неверојатна среќа што сме овде. Се е во наши раце, зависи од нас, не треба да правиме ништо неверојатно, само да бидеме свои и да победиме еден натпревар за да стигнеме до финалето“, изјави Гвардиола на прес-конференцијата пред натпреварот.
Сити има шанса за историска тројна круна бидејќи е на една победа до титулата во Премиер лигата и е во финалето на ФА Купот, каде што ќе се соочи со градскиот ривал Манчестер Јунајтед на 3 јуни. Реал од своја страна има можност по 15-ти пат да триумфира во ЛШ. Тимот го загуби финалето на шпанскиот Суперкуп од Барселона со 3:1, а Каталонците го симнаа и од тронот во Ла Лига. Сепак, избраниците на Анчелоти го кренаа трофејот во Копа дел Реј со победата од 2-1 над Осасуна, а одбраната на титулата во Лигата на шампионите ќе комплетира сезоната со два трофеи.
Главен судија на мечот ќе биде Шимон Марчинијак од Полска.
МОЖНИ СОСТАВИ:
МАНЧЕСТЕР СИТИ: Едерсон; Вокер, Диас, Аканџи; Стоунс, Родри; Силва, Гундоан, Де Бруин, Грилиш; Халанд
РЕАЛ МАДРИД: Куртоа; Карвахал, Милитао, Ридигер, Алаба; Крос, Камавинга, Модриќ; Валверде, Бензема, Винисиус Жуниор