Кошаркарите на Работнички вечерва (18 часот) во СРЦ „Кале“ го пречекуваат вечниот ривал МЗТ Скопје А. во вториот полуфинален меч од плеј-офот. По стартниот пораз во „Јане Сандански“, за Работнички денеска има само една опција за евентуално место во финалето, а тоа е победа.
Домашните кошаркари ќе се обидат да го изненадат фаворитот со кого се сретнаа за првпат по пауда од 4 години во една плеј-оф серија од шампионатот. Во 2019-тата овие два тима играа во финалето, а сега една рунда порано во битка за место во финалната плеј-оф серија која ќе го даде името на новиот првак.
Шампионот славеше на првиот меч на свој терен со подобра игра во вториот дел од мечот, но Работнички покажа дека може да се носи со предизвикот да му парира на најквалитетниот тим во лигата веќе неколу сезони наназад. Ако успеат да го поправат шутот и за нијанса играта во одбраната, момците од „Градски парк“ ќе имаат шанса да се изборат за трет натппревар, иако и вечерва фаворитската улога ја има тимот од Аеродром.
Работнички нема победа над МЗТ Скопје А. во последните две години или 6 последователни меча. Последен пат момците од „Градски Парк“ славеа на гостувањето кај МЗТ Скопје А. во 2021 година со тесни 75:74.