Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија влезе во втората фаза од подготовките за историскиот настап во Европската Сребрена лига 2023. Дамите по долга пауза се враќаат на европската сцена на крајот на овој месец, кога ги очекуваат првите три пресметки со Австрија, Летонија и Естонија и тоа сите на домашен терен во Скопје.
Селекторот Стефан Пауновиќ иако планираше, сепак нема да има можност да направи неколку контроли пред првите дуели во Сребрената лига, затоа што обидите за пријателски средби со Црна Гора очигледно нема да се реализираат.
„По се изгледа нема да имаме ниту еден контролен меч пред дуелите во Сребрената Лига. Ние работиме според планот, девојките се одлични, ангажирани и со голема желба и мотив за да се претстават во најдобро светло. Јасно ни е дека ова е наш почеток. Првпат сме во ваква ситуација и целта е да го изодиме патот кој го мина машката репрезентација во последните 15 години. Чекор по чекор да ги повториме нивните успеси. Задоволен сум од работата досега, сите одбојкарки се добри и се надевам дека во таква состојба ќе ги дочекаме престојните натпревари“, вели Пауновиќ.
Одбојкарките по првата фаза во Маврово сега работат во Скопје очекувајќи ја финалната глазура на формата пред тримечот кој следува на домашен терен, па потоа и трите гостувања кај истите противници.