Одбојкарската федерација на Македонија реши да ги отвори вратите од СЦ „Борис Трајковски“ за сите вљубеници од одбојката кои сакаат да ги поддржат нашите сениорски репрезентации во годинешните настапи во Европската лига. Девојките в сабота во 20.15 часот против Австрија го почнуваат својот историски настап во Европската Сребрена лига, додека мажите овој викенд гостуваат против Украина.
„Влезот за сите натпревари на нашите репрезентации ќе биде бесплатен. Го отвораме вратите за на трибините во ’Борис Трајковски’ да дојдат што повеќе наши навивачи и да ги поддржат и двете наши сениорски репрезентации. Во некои викенди ќе имаме и двојна програма, така што тоа ќе биде вистински празник на одбојката на кој се поканети сите навивачи“, вели генералниот сектерат на ОФМ, Зоран Карановиќ.
Сениорките за првпат ќе ја почувствуваат европската одбојка по подолга пауза, додека сениорите Златната лига ќе ја искористат и како генерална проба пред Европското првенство кое ги очекува ова лето во Скопје.