Македонската сениорска одбојкарска репрезентација во машка конкуренција утре наутро заминува за Полска каде в сабота во градот Лоѓ ќе почне со настапи во рамките на новото издание на Европската Златна лига. Селекторот Миленкоски денеска ќе го одржи и последниот тренинг во Скопје пред заминување, а во Лоѓ репрезентацијата ќе има уште два тренинга пред саботниот дуел со Украинците (19 ч.).
„Сега сме веќе и во фаза на детална анализа на противникот. Имаме тренинзи, но имаме и видео-анализи. Одиме на натпревар против една од најдобрите светски репрезентации. Според информациите, Украинците ќе бидат комплетни со својот најдобар тим. Беа седмопласирани на последното СП, играа четвртфинале и јасно е дека станува збор за слеекција од светскиот одбојкарски врв. И тие како и останатите учесници во оваа Златна лига имаат за цел да се борат за пласман во Светската лига. Ние одиме добро подготвени и секако ќе си ја бараме нашата шанса“, вели селекторот Јошко Миленкоски.
Од 16-те имиња кои тренираа во последната фаза од подготовките во Скопје за Лоѓ нема да патуваат блокерот Иван Андонов и либерото Костадин Ричлиев. Финалниот список на 14 имиња кои патуваат на првиот меч со Украина е следниот:
ТЕХНИЧАРИ: Филип Деспотовски и Ѓорѓи Ѓорѓиев
КОРЕКТОРИ: Никола Ѓорѓиев
ПРИМАЧИ: Александар Љафтов, Владо Милев, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Ангел Бошков
СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Филип Маџунков, Филип Савовски, Филип Лепидовски, Славе Наков
ЛИБЕРО: Дарко Ангеловски, Васе Михаилов