Македонските одбојкари ја исполнија целта. Две победи на домашен терен во првите три кола во Златната лига и една недела за подготовки пред мечот број четири во групата со Белгија на гости. По исцрпувачкиот меч со Хрватска кој траеше пет сета, еден од најискусните во нашиот тим, Владо Милев, смета дека и Хрватска и Белгија покажаа дека се исклучително квалитетни репрезентации, а битката за второто место во групата ќе биде жестока до последното коло.
„Овде нема лесен противник. Тука се најдобрите репрезентации од Европа. Можеби влеговме како фаворити по победата на Белгија, но Хрватска покажа дека е многу силна селекција. Поведовме со 2:0, држевме високо ниво на игра, но во третиот сет се почувствува пад на концентрација. Хрватска тоа го искористи, се врати целосно во игра, но ние покажавме карактер и во петтиот сет се изборивме за победа. Сметам дека Украина е голем фаворит во групата, но и Белгија игра модерна одбојка, тежок противник. Ќе биде голема борба за второто место во групата“, смета искусниот примач на нашиот национален тим, Владо Милев.
Македонија следната сабота и гостува на Белгија во Шарлерој, а потоа не очекуваат и дуелите со Хрватска и Украина.