Капитенот на македонскиот одбојкарски шампион Владо Милев вели дека е задоволен од ждрепката во Луксембург и противниците кои македонскиот првак ги доби во првата фаза од новата сезона во Лигата на шампионите.
„Вака на прво гледање, мислам дека имаме добра група во која може да се игра скоро со сите противници. За Будва и Капошвар мислам дека се тука некаде по квалитет како и Струмица, додека Нефтохимик сигурно ќе отскокнува. Тие, впрочем, имаат амбиции да стигнат и до главната групна фаза во ЛШ. Важно е дека ќе имаме три квалитетни средби и секако ќе направиме се за да се обидиме да дојдеме макар до тоа второ место во групата кое води во следната рунда“, вели нашиот репрезентативец.
Со оглед на новиот формат на ЛШ оваа година, групната фаза ќе се игра турнирски. ЦЕВ дополнително ќе ги потврди термините на одржувањето на турнирите во секоја од четирите групи (најверојатно во октомври), но Струмица нема да се пријави за организатор на турнирот од групата „1“.
„Организација на ваков турнир со четири екипи е голем товар за нас. Затоа нема да се пријавиме за организација на турнирот. Според информациите кои ги имаме најверојатно Нефтохимик и Капошвар ќе се борат за организација на турнирот кој ќе се игра во три дена“, дополни Милев, кој ја има и улогата на претседател на ОК Струмица.