Израелецот Давид Фуксман ќе биде на центарот в четврток навечер на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје за првиот меч од 2. квалификациско коло во Конференциската лига меѓу Шкупи и левски. Фуксман е делегиран за главен судија на мечот, а ќе му помагаат неговите сонародници Мецамбер и Барбиро.
Фуксман досега им нема судено на наши екипи во европските купови, но двапати бил главен судија на натпревари на нашата млада репрезентација до 19 години во квалификациите (и двапати сме загубиле).
Во Охрид на дуелот меѓу Струга ТЛ и Будуќност, ден претходно, главен судија ќе биде Артјом Кучин од Казахстан. 45-годишниот судија има подебело досие на судење во европските купови, главно во квалификациските кола. Интересно е што тоа и истиот судија кој и судеше на Струга ТЛ пред две години во Конференциската лига, кога стружани на домашен терен беа убедливо поразени од Лиепаја со 4:1. Казахстанецот двапати и има судено и на Шкендија во европските купови (една победа и еден пораз).