Како Струга ТЛ нема друга. Ете, вечерва стружани испишаа клупска историја, минаа едно коло во едно европско натпреварување. Го победија Будуќност среде Подгорица, со 3:4 во реваншот од 2.квалификациско коло во ЛК и со севкупни 3:5 се пласираа во третата рунда во ова натпреварување.
А таму се среќаваат со тимот на Есперанж од Луксембург кој вечерва успеа да го елиминира ТНС од Велс.
Првиот меч од 3.квалификациско коло во ЛК се игра во Скопје најверојатно на 10 август, а реваншот се игра седум дена подоцна во Луксембург.
Се разбира дека не смее да се потцени Есперанж, но исто така не смее ниту да се прецени. Тоа е шансата на четата на стратегот Шпетим Дуро да дојде до пласман од соништата, да дојде до плеј – офот во Лигата на Конференции.
Секако дека Струга ТЛ како клуб и ќе ја наполни касата од УЕФА, но сега треба да се мисли како да се мине Есперанж.
Ова е шанса која не смее да се испушти.
Да, на Струга ТЛ и се смешка плеј – офот…а кој тоа мислеше во таа 2015 година кога овој клуб од семејството Ќира беше основан.
Уште еднаш големо браво за храбрата игра, за херојското издание вечерва во Подгорица.
А, Марјан Радески?
Веројатно го одигра мечот на својата кариера.
Браво…