По ден пауза по учеството на Меморијалот „Чајка“ во Скопје, од денеска нашите одбојкари се враќаат со редовни тренинзи во СЦ „Борис Трајковски“ во продолжението од подготовките за настапот на Европското првенство. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски веќе завршија со контролни натпревари, па сега останува само анализата на противниците во групата во Скопје на престојниот Евроволеј 2023 и комплетна подготовка за големите предизвици.
Според најавите, повреднеиот Филип Маџинков можеби веќе од денеска ќе се врати на тренинзи, откако повредата на коленото е веќе санирана. Тоа е добар знак за нашиот тим во продолжение под подготвителниот период и подготовка за првиот дуел со Данска кој не очекува на 30 август на самото отворање на натпреварите на ЕП во Скопје.
Нашиот прв и еден од клучните противници на ова Европско првенство, селекцијата на Данска, од денеска во наредни четири дена е гостин во Хрватска, каде против тамошната репрезентација има закажано дури 4 контролни и тренинг натпревари по кои ќе се преслеи во Скопје. Останува да видиме во каква резултатска форма Данците ќе допатуваат на шампионатот кај нас.