Историјааа! Македонија ја „суреди“ Црна Гора за осминафинале на ЕП!

730

Македонија испиша одбојкарска историја. Во третото учество на европските првенства, нашите момци со две победи на стартот од натпреварите во групата „Ц“ во Скопје, практично си го потврдија пласманот во осминафиналето на континенталното натпреварување. Вечерашниот триумф над Црна Гора е виза за место меѓу 16-те најдобри на Стариот континент, успех кој досега го сонувавме со настапите на првенствата во 2019 и 2021 година. Вечерва со тактички беспрекорна партија, дојдовме до максимална победа против една квалитетна селекција која беше наш таргет уште пред почетокот на шампионатот.


МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА  3:0 (25-22, 25-18, 25-20)


Првиот сет го почнавме во грч. Црногорците влегоа малку посамоуверено и успеаја уште на стартот да се одлепат со 1:5. Миленкоски повика тајм-аут, па успеавме да ја прекинеме серијата на гостите. Потоа следуваа уште три извонредни блока на Филип Савовски и враќање за 5:5. Серијата продолжи, па дури и успеавме со еден фантастичен смеч на Љафтов да дојдеме до предност од 8:7. Следуваше сериозна стабилизација на нашата игра, доминација на блок и во напад, што резултираше и со прва чувствителна предност од 14:11. Добрата игра, за моменти ни ја нарушија неколку одлични напади на Црна Гора, но со блок-поенот на Маџунков одржуваме плус три за 19:16. Иако стигнавме на сет-топка со 24:19, Црногорците освоија три поени во низа (сервираа двапати со ас) и стигнаа до 24:22. Во третиот обид дојдовме до поен за 25:22 и водство од 1:0. Никола Ѓорѓиев реализираше 7 поени, а Савовски имаше 4 поени, од кои три по одлично поставен блок.

Вториот сет почна слично како и првиот. Ние малку попуштивме со концентрација во игра на прием, тоа противникот го искористи и направи осетна предност од 3:6. Со тајм-аут се вративме во серија и за брзо време успеавме да направиме пресврт за предност од 10:8, што сега го натера гостинскиот селектор Јоксимовиќ да повика 30 секунди одмор. Работите не се променија. Ние продолживме со мудра игра во напад и пожртвувана игра во одбрана. Спасивме неколку напади на Црна Гора и дојдовме до плус четири за 16:12. Црна Гора се обиде со добар сервис на Чачиќ да се врати во игра, но следуваа неколку добри блокади и повторно зголемена предност за Македонија, 20:15. Потоа се беше во наша полза. Противникот беше комплетно разоружан, а ние со високи 25:18 го заокруживме и вториот сет во наша полза.  Вториот сет го одбележаа Владо Милев (6) и Никола Ѓорѓиев (7), а одличен беше повторно Деспотовски кој освен со одличните топки во нападот придонесе и со два поени од блок и сервис.

Третиот сет го почнавме добро и успеавме да стартуваме со предност од 5:3. Како одминуваа поените, со цврст блок и сигурна игра во поле веќе се одлепивме на 11:6. Извонредната партија и предноста од пет поени продолживме да ја одрживме се до средината на сетот. Црна Гора не се предаде. Успеа да ја стопи нашата предност и да се приближи на 16:15, што беше причина Миленкоски да повика тајм-аут. И по тие 30 секунди одмор, повторно се враќаме во ритам. смеч на Љафтов, по еден блок на Маџунков и Савовски и веќе успеавме да се одлепиме до 20:16. Во финишот Црна Гора повторно се врати на минус два за 22:20. Сепак финишот беше само наш. Со силен сервис и добар напад успеавме да го решиме и третиот сет со 25:20 за победа!

Никола Ѓорѓиев со 20 и Љафтов со 14 поени беа најдобри поентери во нашиот тим. Одлично издание имаа блокерите Савовски (10) и Маџунков (4), а комплетен придонес во победата имаат сите кои излегоа на теренот, па и оние од клупата, заедно со стручниот штаб.

ПретходноЦ.Звезда со тројца нови играчи – за едниот ќе плати дури 5 милиони евра
СледноНикола Ѓорѓиев: Се утепавме цело лето за оваа историја!