Денеска во Кавадарци “врие“. И не само поради топлото време, малку необично за ова време од годината, туку и поради фактот дека во овој наш град ќе има фудбалски спектакл. Имено по цели 20 години повторно Вардар гостува во Кавадарци во меч од ПМФЛ, повторно овие две екипи ќе одиграат официјален натпревар во нашата фудбалска елита. Познато зошто е тоа така. На Тиквеш му требаше 18 години да се врати во елитата, а кога се вратија кавадарчани тогаш Вардар испадна во ВМФЛ.
Но тоа веќе е минато.
Во сенка на сите оние случувања со двете навивачки групи, “Лозари“ и “Комити“ пред неколку дена, кога се случи тоа што се слуи меѓу нив, сега фудбалот е поважен. И за него, за Тиквеш и Вардар ќе дојдат на трибините голем број фудбалски фанови. Овој меч секако дека не се пропушта.Ова ќе биде спектакл. Тиквеш е доволно силен, моќен да го победи Вардар кој со тренерот Александар Васоски се обидува полека да се враќа каде што и му е местото, но тоа оди доста тешко.
Тренерот на кавадарчани Ѓорѓи Мојсов, како некогашен играч на Врадар секако со посебни емоции ќе го води својот тим во нова победа.
А во Кавадарци не кријат, кавадарчани сакаат победа против Вардар. Надлежните упатуваат молби да се навива коректно, да се навива за својот клуб а не против другиот.
А Вардар треба со посебни емоции да го “гледа“ Кавадарци, зошто токму во овој град пред околу три месеци успеа да слави над Скопје во баражот и да се врати во елитата.
Нека биде фудбал…нека биде спектакл за паметење.
Мечот почнува од 15 часот а главен судија е Јован Качевски од Струга.