По Струмица, Охрид и Кавадарци, сега и Штип е на нозе. Денеска во градот под Исарот доаѓа Вардар. Иако е последен на табелата, сепак Вардар привлекува огромно внимание, а јасно е дека кога играат Брегалница и Вардар во Штип, кога на трибините ќе бидат и “Фалангата“и “Комитите“, тоа мора да биде спектакл.
Денеска сите патишта во Штип ќе водат кон стадионот, се очекува убава посета, тоа секако дека ќе биде меч за фудбалско уживање.
Јасно е дека “сините“ предводени од стратегот Горан Здравков ќе бидат во предност, дека се фаворити. Имаат подобар тим, знаат да одиграат на резултат, но и желба да се прекине лошата серија.
Вардар пак оди да одигра најдобро што може, да освои барем бод, да покаже дека Вардар е Вардар. Дали ќе може? Е, тоа ќе видиме денеска од 14 со 16 часот.
Инаку досега овие две екипи одиграле 34 официјални меча во самостојна Македонија и замислете, Брегалница има само две победи.
Брегалница сонува да го победи Вардар веќе 13 години, последен пат тоа се случило на 16 октомври 2010 година, и тоа како гостин. Звучи неверојатно, но Брегалница никогаш не го победила Вардар како домаќин во Штип. Ако сметаме од 2004 година па наваму.
Можеби денеска е денот за тоа.