Вчера во скопската пресметка, во соседското дерби бр.74, Вардар со 0:1 како гостин го победи Работнички и успеа да дојде до многу важен триумф. Иако тимот на Александар Васоски важеше за аутсајдер, не само што го победи ривалот туку и го надигра и тактички едноставно го уништи.
Најбитно за Вардар е што се освоени тие три бода, и сега им се приближи на Македонија ЃП, Воска и Гостивар само на три бода. Се чини дека битката за опстанок ќе биде пеколна до крајот.
Ден по мечот, Александар Васоски, стратегот на Вардар за “СпортСпорт“ истакнува:
„Голема, важна победа. Освоени се големи три бода. Затоа честитки за сите играчи кои вчера одиграа навистина добро. Јасно е дека не чекаат уште многу важни вакви мечеви до крајот, а нашата цел е јасна. А таа е да се избори опстанок. Познато е во каква ситуација сме како клуб, но во ДНК на Вардар е никогаш да не се предава. Тоа важи и за мене. Ме радува тоа што играа и момци од 16 години и тоа добро, во секој случај среќни сме и задоволни, но веќе во среда не чека куп натпревар со Македонија ЃП, и мислите веќе се насочени кон тој меч“.
Сепак, и покрај победата, стратегот на Вардар не е докрај среќен:
„Сенка на победата фрли повредата на капитенот Дарко Мицевски. Тоа не ни дозволи докрај, онака вистински да се израдуваме на трите бода. Вака на прв поглед таа повреда не изгледа добро, но ќе видиме“ заврши Васоски.