Македонската кошаркарска репрезентација и официјално стартуваше со подготовките за претквалификациите за СП 2023. Селекторот, Драган Бајиќ немаше многу среќа на почетокот на својата „авантура“ на клупата на нашиот најдобар национален тим.
Во составот ќе ги нема браќата Војдан и Дамјан Стојановски, а под голем знак прашалник е Стојан Ѓуроски, уште едно искусно име. Изгледот на поширокиот список е поинаков, го нема Марко Симовски, Бајиќ го врати Горајн Марковски, шанса доби и Бобан Стајиќ.
И изборот на младите сили исто така е поинаков. По четири одржани тренинзи со овие кошаркари се одлучи за бројка од осум играчи, заедно со поискусните прават 21.
На првиот собир не се појавија Ненад Димитријевиќ и Џејкоб Вајли, токму од овие двајца играчи се очекува да го поведат тимот. Сите останати репрезентативци му беа на располагање на Бајиќ.
Македонија во претквалификациите за СП 2023 за противници ги доби Швајцарија и Словачка, овој турнир ќе се одигра во Скопје.