Спортспорт во Солун, Марија Ковачева
Реми и победа против Грција е епилогот на македонската ракометна репрезентација од оваа ЕХФ-недела. Предводникот на националниот тим, Кирил Лазаров имаше шанса да види што точно недостасува и на што ќе мора да работи на идните собири за да оваа млада Македонија изгледа допадливо на Европското првенство 2024 година, и најважно да ја израдува македонската јавност.
Покрај за себе, ракометарите играат токму и за оние кои ги поддржуваа и чекаа абер од Солун. Победата против Грција на втората контрола е значајна особено ако се земе во предвид дека истата е остварена во тешки услови со лошо судење, на кое пак според Филип Кузмановски не треба да се обрнува внимание.
„Сакавме и вчера да победиме, не ни успеа. На втората средба бевме максимално спремни, имавме состанок, се договориме да играме максимално, сакавме да ја израдуваме македонската јавност. Грција за нас е голем противник. Не сакам да го коментирам судењето, може истово да ни се случи на ЕП. Важно дека успешно ја завршивме оваа недела“, ни изјави Кузмановски.
И на двете контроли Лазаров правеше ротации, постојано менуваше и пробуваше комбинации. Кузмановски посакува прво сите да бидат здрави, а потоа добро да се подготват за вистинскиот предизвик.
„По подолг период пак сме заедно. Радува што сме овде, здрави… Двата натпревари ги гледаме како добра можност да видиме до каде сме и да видиме и да видиме што ни недостасува. Нормално е дека пробувавме некои работи, нормално е дека не кажуваме сѐ. Доаѓа првенство, ќе имаме некои нови акции што ќе ги играме. Имаме многу простор за напредок. Се надевам дека ќе имаме добри подготовки пред ЕП и на физички план. Максимално сме посветени и верувам дека одговориме на предизвикот така како што сите очекуваат од нас. Млада екипа сме, веруваме во нас. Во репрезентацијата давама 100%. Сите сакаат да се дел од неа, кога сме дел од репрезентацијата сите погледи се вперени кон нас и тоа е најдобриот излог“, изјави Кузмановски.
Македонија на ЕП 2024 година ќе игра против Франција, Германија и Швајцарија.