На прес-конференцијата на која што го објави и списокот на повикани фудбалери за престојните две последни квалификациски средби во групата за пласман на ЕП 2024, селекторот на нашата репрезентација, Благоја Милевски зборуваше за повиканите фудбалери и за очекувањата од престојниот двомеч.
„Списокот е ист од минатиот пат, ме радува што со нас по подолга пауза поради повреда е и Тихо Костадинов. Се радувам што сите се здрави и верувам дека така ќе биде и по овој викенд во кој сите играат за своите клубови. Нас не краси една нова позитивна енергија по октомвриските предизвици. Ова е млад тим кој го дава максимумот и засега оди според планот“, вели селекторот.
За очекувањата од престојните тешки дуели со Италија и Англија додаде:
„Ниеден натпревар не наликува на претходниот. Со Италија не очекува поинаков меч од оние претходните, а играчите се истите, и кај нас и кај противникот. Во текот на подготовките во два дена ќе се договориме за начинот на кој ќе одиме на дуелот во Рим. Не сме во ситуација да се штедиме, прво мислиме на Италија, а после на Англија. Барем физички да бидеме подготвени, иако имаме проблем, бидејќи некои играчи немаат минутажа за своите клубови. Ќе се обидеме да го извлечеме максимумот“, вели селекторот на нашата селекција.
Официјалниот собир на нашата најдобра селекција за претстојните пресметки против Италија и Англија е закажан за 13 ноември во хотел Хилтон во Скопје.