Македонија е пред нова тешка ракометна мисија – настап на ЕП 2024 година против селекции како Франција, Германија и Швајцарија. По промената на форматот, само првите две репрезентации од секоја група одат во следната рунда.
Лазаров го скрати списокот на 19 ракометари и додаде уште осум резерви кои треба да бидат на „готовс“. Како играч, така и како селектор верува во она што го работи, верува во оваа млада и талентирана генерација.
„После менувањето на генерацијата најважно беше да не се изгуби континуитетот што го имаме од 2012 година, со што не прави спорт број еден во Македонија. По промената на форматот на Европското првенство (само две репрезентации од група одат понатаму) ниту во иднина не можеме да бараме лесни противници. Немавме среќа во ждрепката, ја добивме Франција која со Данска и домаќинот Германија која исто така е во нашата група се фаворити за освојување на Европското првенство. Тука е репрезентацијата на Швајцарија која од нив е ниво послаба, но треба да знаеме дека од нивниот ростер девет репрезентативци играат во најсилната лига во светот, Бундес-лигата и имаат главни улоги во тие тимови.
Ние сме една млада, талентирана и полетна репрезентација, и јас како селектор сум задоволен што имам шанса да тренирам една ваква перспективна репрезентација која во иднина треба да прави големи работи. Ќе се подготвиме максимално, немаме многу време за подготовки, ќе бидат кратки и интезивни. Се надевам дека ќе се претставиме во најдобро светло“, рече Лазаров на денешниот собир.
Најдобриот македонски ракометар на сите времиња потенцира дека мора да се размислува позитивно и да се продолжи со градење на системот, кој треба во иднина да ги даде посакуваните резултати.
„Мора да размислуваме позитивно. Ќе пробаме системот кој што го градиме да го надоградиме. Во последниот период сум задоволен од пријателските средби со Грција. Успеавме да одиграме два квалитени мечеви на гости. Исто така во квалификациите со Турција и Луксембург кога победивме, како и на двата меча со Португалија игравме квалитетно но не бевме комлетни.
Не очекува тешка задача, нема да се предадеме. Ќе се обидеме да создадеме добра атмосфера, добра хемија. Мислам дека момците со голема гордост ќе го носат дресот на македонската репрезентација. Знаеме дека цела нација ги прати, ги поддржува и едвај чека да дојде до јануари и почетокот на ЕУРО 2024. Јас сум таков, верувам во невозможното. Во овој момент не е реално да се очекува такво нешто како со Данска кога јас дебитирав како селектор. Но, потсвесно треба да се верува. Мислам дека тогаш бев и јас и Столе и Миркуловски, каде што едноставно бевме додадена вредност на овие млади дечки и успеавме да ја изненадиме Данска тогаш“.
Лазаров вели дека во овој момент ќе се стави фокус на Франција, бидејќи оваа селекција е првиот противник на ЕП 2024. Во Германија нема да се оди со бело знам, туку ќе се игра борбено, максимално за секоја топка. Одбраната мора да биде на високо ниво, заедно со добар контранапад можеме да бидеме конкурентни.
„Треба да направиме добри подготовки, нема да се предадеме. Во изминатите неколку дена ги гледав натпреварите на Франција, а помалку од Швајцарија и Германија. Се работи навистина за сериозни противници. Јас бев во Франција, ги познавам сите играчи, го познавам и нивниот систем. Голем дел од нив играат во домашниот шампионат и ми се добро познати. Ќе се спремиме максимално да го дадеме најдоброто од себе. Сепак треба да знаеме дека во моментов играчки можеби е тоа најдобрата репрезентација во светот. Дури подобра и од Данска. Сакам да одиме чекор и чекор, и така ќе се поставиме со нашите момци. Секогаш кажувам во невозможно. Нема да ставаме фокус на Германија или Швајцарија, едноставно фокусот ќе биде на Франзија зошто играме со нив на 10 февруари, па потоа имаме четири дена да се одмориме за да се подготвиме за дуелот со Германија. И секако последниот меч со Швајцарија. Нема да одиме со бело знаме. Ќе играме борбено, ќе се бориме за секоја топка. Ќе се обидеме да го дадеме својот максимум. Да направиме добра одбрана, да направиме добар контранапад. Да имаме квалитетен и сигурен напад и ќе пробаме ете максимално да го искористиме овој период и да бидеме спремни за предизвикот кој не очекува“.