СпортСпорт во Дизелдорф, Марија Ковачева
Франција е првио противник на Европското првенство. Мечот против актуелниот олимписки првак се игра во 18 часот на стадионот „Меркур Шпил Арена“, со оваа пресметка ќе биде испишана историјата на рекордна гледаност на еден ракометен меч. Кулминацијата ќе биде на втората средба меѓу Германија и Швајцарија.
За француската репрезентација не треба да се трошат многу зборови, ги има сите можни светски ѕвезди на чело со Никола Карабатиќ, кој го игра последното Европско првенство во дресот на својата земја. Легендарниот ракометар посакува оваа епизода да ја заврши со медал, и тоа златен. Според сите прогнози „триколорите“ имаат најголеми шанси да стигнат до тронот.
Иако против Македонија се фаворите, сепак од таборот на француската репрезентација гледаат со респект на денешната средба.
„Секогаш е важно да се влезе во натпревар со голема претпазливост, бидејќи често во текот на првиот натпревар, нивото има тенденција да се израмни помеѓу тимовите. Има многу желба, понекогаш стрес, а пред се свежина. Кирил Лазаров беше љубител на играта 7 на 6. Тој се обидува да создаде тим. Пивотите се солидни, левиот бек Талески е препознаен на меѓународна сцена. Кузмановски е квалитетен, исто така, покрај него десниот бек Велковски. Тимот се потпира на неколку играчи кои играат со Пелистер во Лигата на шампионите и затоа имаат меѓународно искуство. Иако Македонија има ограничени ротации, овој тим сè уште има жестока желба добро да ја претстави својата земја“, вака од таборот на Франција гледаат на Македонија.
Кога сме кај меѓусебните дуели, до сега трипати имаме играно против Франција, сите три ги добил противникот. Две се квалификациски, и една во групна фаза на ЕП 2016 во Краков.