Ракометен спектакл за титулата: Можат ли Французите да ја урнат фуриозната Данска?

387

Ракометните репрезентации на Франција и Данска денеска (од 17:45 часот) ќе ги одмерат силите во големото финале на ракометното Европско првенство во Германија. Домаќин на финалниот дуел како и мечот за третото место ќе биде „Ланксес арена“ во Келн каде што веќе со години се одржуваат натпревари од Ф4 во ЛШ, а од оваа година и Купот на Германија.

Французите дојдоа до финалето по оној епски меч против Шведска, кога прво во последниот напад постигнаа гол преку Пранди од девет метри и го однесоа мечот во продолженија каде што победија.
Данците ја оправдаа фаворитската улога против Германија и поминаа во финалето.

Французите на ЕП забележаа седум победи и реми против Швајцарците, а од друга страна Данците исто така забележаа седум победи но и пораз од Словенија во резултатски неважниот натпревар бидејќи Скандинавците пред тој меч обезбедија место во нокаут фазата и тоа од првата позиција на табелата.

Најдобриот стрелец кај Французите е Дика Мем кој во осум мечеви постигна 47 голови од 69 обиди, а на другата страна е Матијас Гидсел кој во седум натпревари постигна 46 голови од 58 обиди.
Данците го имаат и еден од најдобрите голмани на турнирот, Емил Нилсен кој има 63 одбрани односно 40% одбранети удари додека Никлас Ландин има 47 одбрани или 31%. Ова ЕП ќе биде последно за ракометниот двоец Микел Хансен од Данска и Никола Карабатиќ од Франција.

Што се однесува до историјата на ЕП, Французите имаат три злата и две бронзени медали додека Данците имаат два златни, едно сребро и четири бронзи.
Инаку овие две селекции играа во финалето во 2014 година и тогаш Французите победија и тоа беше нивна последна титула шампиони на Европа.
Данците полни 12 години чекаат на титула, последен пат ја освоија во 2012 година кога во финалето го победија домаќинот Србија.

Во меѓусебните дуели од 2005 година па до денес, тие одиграле 28 натпревари, Французите имаат 15 победи, а Данците 12, додека еден меч завршил без победник.
Во дуелот за третото место ќе играат Шведска и Германија.

ПретходноШпански напаѓач го менува Бонифасе во нападот на Баер
СледноВоска продолжува да се засилува: потпиша и 19-годишен крилен фудбалер