МЗТ Скопје го освои Купот на Македонија „Благоја Георгиевски Буштур“. Победникот беше решен во самиот финиш, бранителот славеше со 62-60 и ја остави Битола во солзи. Пелистер имаше голема шанса да дојде до првиот пехар во Купот, но на крајот му се лизна од раце. За скопскиот тим ова е 12-ти пехар.
Тимот од Аеродром од третата четвртина беше без Војдан Стојановски, а во последните три минути остана без Дамјан, кој направи пет лични грешки. Победничките поени за „сино-белите“ ги даде Ворку.
Робев со 13 поени беше прв стрелец, еден помалку имаше Танасковиќ, Дамјан беше стрелец на 10 поени. На другата страна Костоски постигна 15 поени.
Притисокот на двете страни, но и добрите одбрани беа причина за малиот број на кошеви во првата четвртина. МЗТ Скопје поведе со 8-2 и 11-5 со тројка на Дамјан Стојановски. По овој прв период предноста ја имаа избраниците на Васко Атанасов (13-9).
Сликата на Куп финалето беше комплетна на почетокот на втората четвртина кога пристигнаа „Фемили“. Битката на теренот се разгоре, а битолчани со поените на Лука Стојановски дојдоа до првото водство од 14 минута (16-17). Во последните шест минути до одморот, улогите се променија и тоа благодарение на Александар Костоски, кој две тројки го смени текот, неговиот тим водеше со 27-33. На полувремето резултатот беше 31-36.
Лоши две минути за битолчани, МЗТ Скопје во третата четвртина отвори со 7-0 (поени на Војдан и Дамјан) за 38-36. Мијовиќ ги постигна првите поени за Пелистер, а потоа Магдевски и Костоски зголемија на 38-46 во 25 минута, период во кој скопјани грешеа често, а згора на се техничка грешка заработи и Атанасов. Робев внесе свежина во редовите на „сино-белите“, благодарение на неговите пет поени, негативата на стартот на последната четвртина беше 49-52.
Робев, џокерот на Атанасов, кој влезе на местото на Војдан Стојановски (се повреди), со тројка изедначи на 55-55. Долго време стоеше овој резултат на семафорот, двата тима беа без реализација, Планиниќ го прекина овој негативен тренд за 55-57. Робев повторно израмни на 57-57. МЗТ Скопје во клучните три минути остана и без Дамјан Стојановски, кој ја направи петтата лична грешка.
Пелистер одржуваше минимална предноста од два поени, но Вокру со тројка го врати водството после долго време (60-59) за вистинска драма на минута и пол. МЗТ не искористи два напади, Планиниќ изедначи на 60-60. Вокру, па Робев не реализираа, на другата страна Маслинко беше изблокиран. Останаа 11 секунди, напад за МЗТ Скопје, Ворку реализираше за 62-60, останаа нецели три секунди надеж, Костоски не реализираше тројка за голема радост во редовите на МЗТ.