Коментар на 19.коло: Ова е некој нов Вардар, лудница во Штип, Васоски тргна со пораз…

8877

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Што можеме да кажеме или анализираме по сите шест средби од првото пролетно или вкупно 19.коло во ПМФЛ?

Како прво дека овој Вардар е некој нов Вардар. Да одиграш така добро кај еден Гостивар, тим кој што не знае што е пораз веќе шест месеци, да освоиш бод и да бидеш блиску, многу блиску до победа, секако дека тоа е голема работа.

Јасно е дека овој Вардар со новиот стратег Горазд Михаилов доби една нова енергија. Јасно е исто така дека овој Вардар е засилен со неколку квалитетни играчи, Швајц, Алтипармаковски, но се чини дека овој Вардар е поагресивен, не се плаши да игра на гости и висок пресинг кога треба, да оди на победа против секого во ПМФЛ. Се виде дека Гостивар беше изненаден, домашните имаа голема среќа по стативата на Швајц, имаа среќа што израмнија во 90+1.минута за конечни 1:1.

Вардар не победи, “црвено – црните“ и натаму се последни, но сега на сите тимови во ПМФЛ а посебно на конкурентите овој Вардар им даде до знаење дека веќе нема шега. Ако можеше така да одигра со еден Гостивар, тогаш може против секого да освојува бодови.

Секако на задоволство на армијата фанови на скопските “црвено – црни“.

Во Штип невидени лудница. Пред полни трибини Брегалница и Тиквеш (2:1) одиграа меч кој долго ќе се раскажува. Да, „сините“ се во еуфорија, имаа до 87.минута 0:1 па потоа ја свртеа во победа од 2:1. Сите пренесуваме за радоста на избраниците на Горан Здравков, а никој не вели како им е кавадарчани по еден таков шокантен пораз во самиот финиш. Можеме само да претпоставиме. Со овој пораз сега и Тиквеш е во “барабанот“ во битката за опстанок.

Еве како изгледа табелата во долниот дел:

7.Брера 23, 8.Тиквеш 22, 9.Брегалница 20, 10. Воска 20, 11. Македонија ЃП 18, 12. Вардар 18…

Каков пекол ги чека сите овие екипи оваа пролет за избегнување на местата кои водат во ВМФЛ?

Сензација или не? Александар Васоски имаше кошмарно деби на клупата на Силекс на еден официјален натпревар. Васоски дома, среде Кратово загуби од “неговата“ Брера со 0:1.

Навистина резултат кој никој не го очекуваше, ако се знаат амбициите на Силекс.

П.С.

Шкупи многу лесно дојде до победата над Воска и тоа поради фантастичниот Норвежанец Гронер, додека Шкендија се чини може и мора, иако победи во Ѓорче, многу подобро. Во битката за титулата овие две екипи се разбира заедно со шампионот, од коло во коло не ќе смеат да прават никакви киксови.

Ремито на Струга ТЛ против добриот Работнички на Седлоски, не е кикс.

Веќе во сабота мега – дерби во Струга. Шампионот против Шкупи.

Уф, едвај чекаме да дојде сабота…

ПретходноТРЕНЕР НА КОЛОТО: Бојан Круљ (Брера Струмица)
СледноКошаркарите тргнаа: Новиот Американец од утре на тренинг, Војдан се уште неизвесен!