Пишува: Зоран Ѓоршоски
Ние што веќе 25-26 години ги следиме настаните во мак-фудбалот, посебно оние во ПМФЛ, знаеме да “цепидлачиме“ дека нашиот прволигашки фудбал не го бива, дека терените се очајни, дека нашите екипи односно фудбалери играат споро и дека можеме да заспиеме во новинарските ложи или покрај ТВ екраните, еве во саботата тоа го демантираа Струга ТЛ и Шкупи.
Во таа мега – пресметка, во која силите ги одмерија вториот тим на табелата, инаку шампион и лидерот, видовме фантастичен фудбал. И покрај лошиот терен се играше брзо, атрактивно, се играше на гол повеќе. Имаше шанси, пенали, голови, зицери, погодена беше и рамката на голот на гостите, интензитет, борбеност, агресивност, храброст од двете екипи и на крај беше 2:2. А можеше да биде и 3:2 или 2:3.
Тој меч да го преместевме во некоја друга лига или земја сега сите наши медиуми ќе “врескаа“ дека се одиграл супер фудбал. Имаше и публика, трибината на Градскиот стадион речиси и да беше полна и покрај дождот.
Секоја чест за двајцата тренери Дуро и Жижовиќ. Обично кога се играат вакви екстремно значајни дерби средби калкулациите да не загубиш се во преден план. А овие двајца играа за да победат.
Можеби шампионот беше поблиску до победата, но ете…сепак уште ништо не е готово.
Шкендија почна да „поткашлува“. Не може екипа која сака титула да води до 86.минута со 2:0 и на крај да не победи. Да, Гостивар веќе шест месеци не знае за пораз, но Шкендија си е Шкендија.
Вардар е во еуфорија. Бод од Гостивар на стартот и еве сега три од Брегалница. Нема што, Горазд Михаилов си ја знае работата, а неговиот тим има игра, игра добро, знае што сака, тактички е зрел.
Ако продолжи вака Вардар тогаш јасно е дека опстанокот не би требало да биде доведен во прашање.
Што се случува со “лавовите“?
Пораз од Шкендија, вчера пораз и од Брера, и тоа каков.
И затоа сега Македонија ЃП е последна на табелата.
Дали Ѓорче полека, но сигурно се спрема за Втора лига?
Брера блеска, има два од два. Струмичани и не се така лоши.
Васоски уште чека на првата победа како тренер на Силекс. Во недела му доаѓа шампионот. Ако Струга ТЛ одигра како со Шкупи, тогаш јасно е дека на кратовци не им се пишува ништо добро.
Тиквеш го победи Работнички, Кавадарци го слави тренерот Мојсов.