Една деценија без великанот Петар Милошевски!

181
Фото: ФК Пелистер

На денешен ден пред десет години, вечерта нешто пред полноќ, на тој проклет 13 март 2014 година, во сообраќајна несреќа во близина на Куманово, животот го загуби Петар Милошевски. Великанот, гигантот на фудбалот во Македонија и пошироко.

Никогаш непрежален како човек, како спортист, како најдобриот голман во нашата понова историја, си замина на само 40 години.

Вечно ќе се сеќаваме на големиот Петар, на голманот кој настапуваше за репрезентацијата (59 настапи), го бранеше голот на Пелистер, Вардар, Трабзон и Енозис. Несреќата го затекна како спортски директор на репрезентацијата на Македонија.

Како вчера да беше кога ја слушнавме таа ужасна вест дека со нас веќе го нема Петар.

Мирен, секогаш знае што треба да каже, беше семеен човек, личност, спортист и голман со кој Македонија се гордееше.

Фудбалската федерација на Македонија во негова чест го именуваше својот нов тренинг центар по својот Петар, а родната и неговата Битола без двоумење го именуваше стадионот во градот под “Тумбе Кафе“ по него во знак на вечно сеќавање.

ФК Пелистер на своите социјални мрежи денеска потсетува на Петар и на тоа дека легендите живеат вечно.

Да, Петар Милошевски во нас ќе живее вечно.

ПретходноЛацио се раздели со Сари, познат е неговиот наследник
СледноРакометарите во „турбо“ ритам: Романија ќе даде одговор пред важните битки (ФОТО)