Како што пренесува порталот „Скопјеинфо.мк“ голема полициски акција за откривање на наместени фудбалски натпревари се случува утрово во Скопје. Неофицијално, МВР и јавното обвинителство од изутрина чешлаат спорна документација.
Утрово се случува голема и координирана акција предводена од Министерството за внатрешни работи, со поддршка на Јавното обвинителство за сузбивање криминал со наместени натпревари во професионалните лиги. Според неофицијални информации до кои дојде Скопје Инфо припадници на МВР во текот на денешниот ден влегле во просториите на федерацијата со цел прибирање на информации за клубови, натпревари и официјални лица.
По добиени информации и препораки од „Спортрадар“, министерството за внатрешни работи е во интензивна акција за сузбивање на криминалот во фудбалот околу наместените натпревари. „Спортрадар“ е тело на Интерпол и УЕФА чија цел е борбата против наместени натпревари, а вакви акции со години се случуваа во многу земји од регионот но никогаш во Македонија.
Согласно информациите до кои дојде Скопје Инфо во истрагата се опфатени клубовите Шкупи, Македонија Ѓ.П, Воска, Академија Пандев (Брера), Силекс, како и второлигашите Победа, Арсими. Станува збор за натпревари кои се одиграни во Македонија и домашните натпреварувања оваа и минатата година.
Пред шест години единаесет лица беа уапсени во меѓународната полициска акција на Словенија, Хрватска и Еуропол насочена против корупцијата во спортот. Слична ваква акција беше спроведена лани во соседна Србија, по чие завршување неколку клубови беа исфрлени од првата лига.
Извор: Скопјеинфо.мк