Македонската женска ракометна репрезентација победнички го затвори квалификацискиот циклус, на последниот меч ја совлада Литванија со 34-24. Иако нашите девојки претходно го обезбедија местото на Европското првенство, сепак со стил го завршија овој циклус. За нашиот национален тим ова ќе биде седмо учество, второ по ред, прво обезбедено преку квалификации после 12 години.
„Потполно заслужено. Секоја чест за девојките, покажаа и карактер и борба. Сега ќе чекаме ждрепка за тоа ЕП. Прва цел била, ако е добра ждрепката, да поминеме групата, па понатаму ќе видиме“, изјави Грчевски.
На првиот меч националниот тим ја победи Литванија потешко од очекувања, а на тоа селекторот Кристијан Грчевски одговори:
„Секогаш било која репрезентација, во било кој спорт, секогаш има проблем на домашен терен и игра подобро на гости. Мене тоа ми беше очекувано и со една добра ротација успеавме да дојдеме до добар резултат. Верувам дека ќе направиме некој добар резултат на ЕП. Секогаш пробувам да ротирам, да ги опфатам сите девојки, толку се можностите и веќе имам слика за поголем дел од девојките. Се работи многу добро, не е точно дека не се работи добро, имаме и платформа со кондициони тренинзи преку цела недела, цел месец и цела година. Верувајте дека се работи и напредокот е видлив“.