Ништо не е случајно: Алкалоид им подели „бесплатен рецепт“ за успех на големите!

2598

Марија Ковачева

Алкалоид во својата трета година од формирањето, втора сезона како Супер-лигаш успеа да дојде до својот прв пехар, го освои Купот на Македонија. До овој успех, Кирил Лазаров и неговите избраниците стигнаа по најтешкиот и најтрнливиот пат, ги поразија двата најсилни клубови во мак-шампионат во овој момент, двата клуба кои на својот список имаат плејада на странски засилувања, имаат далеку поискусни ракометари.

Во полуфиналето, Алкалоид го совлада Вардар 1961, а во финалето славеше против Пелистер по изведување на пенали.

Ваквиот резултат им се удри од глава на сите оние кои постојано ѕиркаа во дворот на тимот од Автокоманда, на сите оние кои не веруваа дека мора да постои клуб во Македонија, кој ќе им даде шанса само на македонските ракометари, клуб кој на голот ќе остави 19-годишно момче да реши дали неговиот тим ќе излезе како победник или пак ќе собере уште едно горчливо искоство кое подоцна ќе вроди плод, клуб кој ќе му даде шанса на 17-годишен ракометар да изведува удари од седум метри, клуб кој ќе верува дека македонскиот производ е на првото место пред сите останати странски засилувања, клуб кој има само една визија и мисија, а тоа е дека македонските ракометари мора да добиваат шанса, не треба да седат на клупа и да подаваат пешкири на странците, зошто сето тоа се одразува негативно на националниот успех.

И додека сите работеа спротивно од Алкалоид, постојано фрлаат пари на странски засилувања, давајќи им безрезервна шанса во Лигата на шампиони на сметка на нашите играчи, во Автокоманда беше поинаку, тука се градеше поинаква приказна.

Од стартот овој клуб најави дека целта е да се придонесува во националниот дрес, особено по смената на генерација, дека мора да се тргне од „нула“, не смеат да се прескокнуваат скалила. Сето ова изгледаше чудно, бидејќи кај нас во „мода“ е да се направи инстант успех, да се менуваат странци како на лента во производство…

Со добро осмислен проект и одлични услови, стабилен спонзор и раководство, Алкалоид тргна да ја пишува својата историја. Крај себе ракометарите добија тренер во името на Кирил Лазаров. Човек – роден победник. Секој од неговите играчи, полека, но сигурно прифати дел од тој победнички металитет. И покрај бројните негодувања во Автокоманда се работеше под полна пареа, упорноста се претопи на овие два меча.

Што видовме во СЦ „Борис Трајковски“?

Видовме едни храбри момчиња, видовме мангупи во „сино-белиот“ дрес, кои силно веруваа во она што го работат, видовме дека на Куп натпревари, важни се домашние ракометари, ама оние домашни ракометари кои играат во текот во целата сезона, и во Супер-лигата, но и во Европа.

По победата над Вардар 1961, Лазаров потенцира дека важно е искуството од мечевите во Европската лига, во која овие деца преку порази растеа, за да потоа го пресликаат на теренот.

Видовме дека македонскиот играч ќе се оддолжи на дадената доверба само кога ќе игра цела сезона, видовме дека погрешно е да се потпреш на македонските сили кои цела сезона седеле на клупа, а потоа од нигде никаде се фрлени во „оган“.

Овој текст, ќе го завршам со дел од изјавата на Жарко Пешевски: Овој Куп нека биде мотивација за сите останати.

И да не заборавиме успехот на Алкалоид за првпат беше поздравен од цела нација, од Битола доаѓаат честитки за играта на младите момчиња на Лазаров.

ПретходноОфицијално: Баражот Вардар – Детонит се игра во Струмица!
СледноПознати се двојките за баражите за пополнување на ВМФЛ!