КФСМ во изминатиот период ставот го смени многу пати. Раководството на нашата „куќа на кошарката“ постојано нешто менува, додава…Најново е начинот на одигрување на плеј-офот, кој стартува веќе во среда.
КФСМ сфати дека нема потреба да си прави дополнителни трошоци, состојбата со Ковид-19 се погоди како „кец на десетка“, бројките на нови случаи паѓаат, па сега ќе се оди според стариот добар систем: дома на гости.
Но, од оваа сезона треба да има една важна промена кога станува збор за освојувачот на титулата. Пред две години, Перо Антиќ и неговите соработници пред да застанат на чело на федерацијата ветија паричен награден фонд за шампионот.
Минатата сезона не се доигра поради Ковид-19, но еве, оваа веќе ќе имаат шанса да го исполнат ветувањето, да влезат во историјата на македонската кошарка како први кои направиле голем чекор. Покрај пехарот, на победникот ќе му додаделат одредена сума на пари, а колкава ќе биде и дали навистина ќе се случи ова останува да биде познато пред финалниот чин или можеби нешто порано.