Од 13. до 21. јули во Гдиња, на едно место најдобрите млади кошаркари во Европа, во обид да дојдат до што подобар пласман на Европското првенство од Дивизијата „А“ за кошаркари „Под 20“ години.
Една од нив ќе биде и репрезентацијата на Македонија, која за место во ТОП 16 се избори една година порано, на шампионатот на кој ние бевме во улога на организатори.
Селекторот Боро Смилковски е пред голем предизвик да го задржи континуитет на играње во друштвото на најдобрите млади играчи на Стариот континент.
„Успешно затворивме мини-циклус на подготовки во кој одигравме и шест пријателски натпревари. Задоволни сме од сработеното, играчите максимално посветени ги одработија овие подготовки и како стручен штаб сме навистина сме благодарни за нивната доверба во нашата работа. Проблемите со повреди полека ги надминавме, со исклучок на повредата на нашиот Метин Саити, играч чија енергија навистина ќе ни недостасува, како на теренот, така и во соблекувалната. Неговото место ќе го пополни талентираниот Марко Луканоски, а конечниот список на патници го утврдивме буквално пред заминувањето за Полска. Наша констатација е дека физички и техничко-тактички сме спремни за турнирот“, изјави Смилковски.
Јасно е дека основната цел е давање на максимумот од своите мошности, и одбрана на тешко стекнатиот статус, место во елитната младинска репрезентативна кошарка.
„Свесни сме за тежината на националниот дрес и што тоа значи да си меѓу избраните да ја претставуваш својата држава. Ветуваме дека ке го дадеме својот максимум, да покажеме дека можеме да играме добра кошарка. Да бидеме најдобрата верзија од себе е се што барам од играчите, сметам дека тоа е доволно да ја постигнеме нашата цел, а тоа е опстанок во ‘А’ дивизијата. Тоа е и нашата одговорност кон идната генерација што доаѓа“.
Според системот на натпреварување, вкупно 16. национални селекции се поделени во четири натпреварувачки групи, во кои сите тимови (13-15.јули) ќе одиграат по три натпревари.
Во зависност од пласманот во првата фаза, се формираат и двојките за првата елиминациска фаза – 1/16 финалето. Во директни елиминациски натпревари ќе бидат познати и осумте учесници во четвртфиналето, потоа полуфиналетo и финалето кое ќе се игра на 21.јули.
Поразените во првиот елиминациски круг, ќе се борат за плaсмaн од 9. до 16.позиција на шампионатот. Со оглед на тоа дека Грција е домаќин на наредниот ЕП од Дивизијата „А“ во 2025 година, доколку заврши на некоја од позициите од 14. до 16, „преселба“ во Дивизијата „Б“ ќе има само селекциите кои ќе завршат на една од тие позиции.
МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОБАСКЕТ ВО ПОЛСКА
Андреј Шошкиќ бек 190 см
Михаил Стојанов плејмејкер 184 см
Ненад Јовановиќ плејмејкер 182 см
Лука Димитриевски плејмејкер 184 см
Петар Бошалески бек 196 см
Грегориј Јакимовски крило 195 см
Никола Бојчев крило 194 см
Тома Стојаноски крилен центар 200 см
Павел Иванов крилен центар 203 см
Теодор Симиќ центар 215 см
Марко Луканоски центар 208 см
Ангел Кечовски бек 186 см
СЕЛЕКТОР: Боро Смиловски
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Миодраг Тодоровиќ
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Методија Бешлиоски
КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР: Матеј Јовановски