Женската фудбалска репрезентацијата на Македонија загуби дома од Летонија со 1:2 (0:1) во петтото коло од квалификациите за Еп. Избраничките на Александар Андов се најдоа во проблем бидејќи не е сигурно ни второто место во групата во пресрет на последното коло.
Андов стартуваше со овие 11: Кабакчи; Недева, Милчевска, Николовска, Панеска; Нацева, Мустафа, Андреевска; Максути, Андонова, Марковска;
Македонија беше поактивна и со повеќе шанси во првото полувреме, а потоа казната стигна преку Анастастија Полуховича. Македонија изедначи во 92 минута преку Наташа Андонова. Капитенката постигна убав гол, сепак, домаќинките капитулираа во наредниот напад кога Шевчова и донесе победа на својата репрезентација.
Македонија и понатаму е второпласирана во групата со седум бода, а Летонија има шест. Во последното коло Македонија ќе гостува на Словенија, а Летонките играат дома против Молдавија и можат да го заземат второто место.