ФК Вардар кој моментно во Словенија ги реализира подготовките за новата сезона, веќе го комплетираше списокот на подготвителни контролни средби кои ќе ги одигра во периодот до стартот на новото првенство.
Избраниците на Горазд Михаилов првиот тест ќе го имаат веќе денеска и тоа против словенечка Мура. Мечот е закажан во терминот од 18 часот.
Во среда Вардар ќе одигра и втор контролен меч, овој пат против словенечкиот нисколигаш Словенска Бистрица, а во петок го очекува уште една контрола со словенечки нисколигаш, екипата на Чарда.
Последните две контроли треба да бидат и најсилните за „црвено-црните“. На 23 јули Вардар оди во Загреб на меч со Динамо Загреб, додека на 27 јули во Австрија ќе одигра и пријателски меч со англискиот второлигаш, некогашен член на Премиерлигата, екипата на Свонси.