Мечувалката од Хонг Конг, Вивиан Ваи Ман Конг, го освои првото злато за својата земја на Игрите во Париз, но по се изгледа, највредното досега од сите доделени златни медали во Париз. Таа во финалните натпревари во дисциплината меч успеа да се избори за златен медал што е само трето злато за кинеската провинција од нивното прво учество на Игрите во 1952 година.
Златото на 30-годишната Вивиан е прв нејзин медал освоен во кариерата и е продолжение на златото кое го освои нејзиниот сонародник Лонг Ка Чунг на Игрите во Токио 2020, исто така во мечување, но во дисциплината флорет. Кога велиме дека е највредно злато од сите освоени на игрите, тоа е затоа што пред почетокот на Олимпијадата, Хонг Конг на своите олимпијци им вети неверојатна награда од 768.000 долари за освоен златен медал. Со оглед на тоа што Вивиан донесе злато за Хонг Конг уште на првиот ден од Олимпијадата, таа веќе може да смета и на оваа неверојатна парична премија која ќе ја добие веднаш штомн се врати дома.
Хонг Конг е земјата (заедно со Саудиска Арабија) кои пред почетокот на ЛОИ во Париз ветија најбогати награди за освоени златни медали од своите олимпијци.