Македонската јуниорска репрезентација го освои Европското првенство „Б“ Дивизија чиј домаќин беше Скопје. „Црвено-жолтите“ во финалето ја совладаа Австрија со 88-98 во дуелот на непоразените репрезентации на шампионатот. Оваа македонска генерација после две години се враќа во европската елита.
„Црвено-жолтите“ влегоа храбро и мотивирано. Не го променија стилот, се бореа за секоја топка, играа со срце за националниот дрес, ја потврдија својата класа во ова друштво и испратија порака дека мора да се негува нивниот квалитет доколку сакаме да имаме иднина.
Јаничиќ со 30 поени, пет скока и четири асистенции беше лидер во нашите редови, зад него беше Стојковиќ со 15 поени, еден помалку имаше Младеновиќ.
Нашите кошаркари предводени од неверојатниот Јаничиќ уште на стартот го наметнаа својот ритам. Австрија во првите неколку минути беше рамноправен противник, по што Македонија го подигна нивото на игра и го диктираше темпото. По првата четвртина водеше со 29-32, а веќе во вториот период поведе со двоцифрена разлика. Беше 38-52 во 18 минута. Јаничиќ кој излезе на две минути до крајот на првото полувреме запиша 23 поени, четири скока и три асистенции. На средината на втората четвртина се повреди еден од најдобрите кошаркари, Ќириловски. Резултатот на одморот беше 44-57.
За само две минути Австрија со серија од 10-2 дојде на 54-59. Нашите кошаркари не потпаднаа на притисокот, напротив заиграа подобро и со серија од 12-2 за двоцифрени 57-71, водеа и со 58-74.
Пред завршните десет минути водството беше 14 поени разлика 64-78. Стојковиќ со две тројки ја отвори последната четвртина за 64-84. Тој беше главниот морот во воведните три минути. Нашите кошаркари продолжија по шампионскиот курс, ја зголемуваа позитивата доминираа на теренот, сето ова без најдобриот Јаничиќ, кој беше повлечен на клупата поради четири лични грешки, а се врати пред самиот крај.
Големата разлика придонесе за мал хаос во нашата игра, секако оправдано, се чекаше звукот на сирената. Андреевски повика тајм-аут да ги смири своите момци, да не дозволат драма во самиот финиш. Австрија го почувствува тоа, намали на 83-93 и проба со пресинг да приреди пресврт, но тоа не се случи.
Македонија заслужено се радуваше на златниот медал.