Пишува: Зоран Ѓоршоски
Попладнево медиумите во Србија пренесуваат колкави годишни плати земаат селекторите на националните селекции на таа земја во кошарка и фудбал.
Разликата е фасцинантна, не толку во парите, па сите знаеме дека фудбалот е нешто друго, туку во тоа како еден генијалец зема милион евра годишно помалку од друг кој служи за потсмев.
Но, да не должиме многу.
Светислав Пешиќ, генијалецот и селекторот на кошаркарската селекција на Србија годишно зема само 400.000 евра, додека оној кој служи за потсмев, селекторот на фудбалската репрезентација, Драган Стојковиќ зема 1.400.000 евра годишно.
И сега ќе се запрашате, па добро кој е овде луд?
Како тоа Кари, прекарот на Пешиќ, кој за една година беше втор и трет со своите кошаркари, на СП и ЛОИ, да зема милион евра помалку од Пикси, кој на СП и ЕУРО не успеа да забележи ни една победа со своите избраници и само ја срамеше својата земја. Тие што се разбираат во фудбал си знаат што сакаме да кажеме.
Некој ќе рече дека овој првиот го има Јокиќ, но и дека овој вториот ја однесе Србија на последните две големи натпреварување.
Да, тоа е точно. Но точно е и тоа дека овој вториот имаше луда среќа по голот на Митровиќ во Лисабон во последните секунди со кој Пикси замина на СП, но имаше и луда среќа што за квалификациите за ЕП му се падна најслабата група во историјата на фудбалот.
А видовме што може Пикси и во Катар и во Германија.
Јокиќ и компанија, предводени од Кари за малку, за 1,5 минути ќе ја патосираа Америка во полуфиналето. Еквивалент во фудбалот е Пикси и неговата Србија да играат против најдобрите играчи на Шпанија, Англија, Франција, Германија, Аргентина и Бразил, споени во една селекција, и да водат до 85 минута со 2:0.
Тоа не може да се случи, со таков селектор, неофицијално прогласен за најслаб селектор во историјата, тоа не може да се случи.
Па, добро, кој е овде луд?
Овој генијалецот со 400.000 евра годишно или овој што служи за потсмев со 1.400.000 евра?