Скопје како главен град на Македонија има две големи градски дербија. Едното е Вардар – Работнички, тоа е соседско дерби, дерби со шарм. Но кога играат Шкупи – Вардар, а посебно на Чаир, е тоа е „Битка за Скопје“. Тоа е дерби во кое се „тресе“ Скопје, тоа е дерби во кое зовриваат страстите, оние фудбалските се разбира.
Така ќе биде и денеска од 16 часот на Чаир каде во рамките на 3.коло во ПМФЛ силите ќе ги одмерат Шкупи и Вардар.
Чаирчани тргнаа сезонава очајно. Освоен е само бод од максималните шест. Вардар го победи Пелистер, а загуби од Брера на стартот и со тие три бода е подобар од својот градски ривал.
Но во понеделникот, ден по натпреварите од 2.коло дојде до смена на тренерските клупи и во двата клуба. Шкупи му врачи отказ на Ернест Ѓока а му ја даде довербата на Матија Мирков, кој ќе ја има помошта од Бобан Бабунски, а Горазд Михаилов си замина од приватни причини па Вардар го назначи Горан Петрески – Чунга за нов шеф.
И така сега и Шкупи и Вардар во денешната “Битка за Скопје“ влегуваат со нови тренери, Мирков и Петрески.
Јасно е дека на Чаир попладнево ќе “врие“, па доаѓа Вардар, доаѓа најтрофејниот клуб во Македонија. Фановите на Шкупи, како и самиот клуб посебно се “напалени“ кога ривал им е Вардар, така и треба, па се знае кој е кој.
Јасно е дека трибините ќе бидат полни, ова мега – дерби ќе биде спектакл, и така нека биде. Да уживаме во супер фудбалски меч.
Кога сме кај традицијата, ако ја сметаме онаа откако чаирчани сега се викаат Шкупи место Слога Ј, тогаш ова дерби меѓу скопските ривали ќе биде бр.27. Вардар е поуспешен, има 11 победи, Шкупи 7, а осум средби завршиле без победник.
Мотив плус за вардарци ќе биде и фактот дека тие немаат победа на последните пет средби, четири порази едно реми.
Па, нека биде спектакл, нека биде мега – дерби како што му доликува на клубови како Шкупи и Вардар.
На крај да кажеме за судија на овој меч е одреден Александар Ставрев од Скопје.